“За јазикот кој спојува светови”
Знаковниот јазик – наш јазик, наша сила, наша заедничка одговорност.
Со особена чест и гордост, денес во ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – Скопје го одбележавме 23 Септември – Меѓународниот ден на знаковниот јазик.
Овој значаен ден го одбележавме заедно со голем број наши пријатели, поддржувачи и партнери – претставници на највисоките институции, организации, здруженија и образовни установи.
Меѓу присутните беа министерката за образование и наука Проф д-р Весна Јаневска, претседателот на Собранието Afrim Gashi, претседателот на Интерпартиската парламентарна група Никола Мицевски и бројни пратеници од македонското Собрание, градоначалниците Бобан Стефковски и Бети Стаменкоска Трајкоска, националните координатори во Владата на РМакедонија Лилјана Затуроска, Верче Мицевска и советникот на претседателот на Владата за унапредување на образованието, здравството и социјалната заштита и за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, координатор на Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата Snezana Trpevska, како и претставници на Националниот сојуз на глуви и наглуви, НДИ, СОНК, Занаетчиската комора, здруженија, училишта и многу други институции и организации.
Нивното присуство за нас е особено значајно. Тоа покажува дека прашањата поврзани со знаковниот јазик, квалитетното образование, инклузијата и еднаквите можности сè повеќе стануваат заедничка тема и заедничка обврска.
ДСУРЦ „Партенија Зографски“ е посветено на оваа мисија. Денес, покрај образованието на нашите ученици, ја развиваме и нашата улога како ресурсен центар, обезбедувајќи поддршка и за ученици со оштетен слух во други училишта.
Нашата најголема гордост се учениците. Нивниот труд, знаење и талент се најдобриот доказ дека, кога ќе се создадат вистински услови и можности, нема граници за нивните достигнувања. Особено сме горди на нивните неодамнешни успеси – освоено прво место во машинство и второ место во дизајн на облека, во конкуренција со стручните училишта од целата држава.
Благодарност до сите наши ученици и вработени кои секојдневно ја градат приказната на „Партенија Зографски“.
Благодарност и до сите институции, организации, здруженија, училишта и поединци кои ја препознаваат важноста на нашата мисија и ни даваат поддршка.
Знаковниот јазик не треба да биде граница меѓу луѓето. Тој треба да биде мост што нè поврзува.
Да продолжиме заедно да градиме општество без бариери – општество во кое секој човек има право да биде слушнат, разбран и рамноправно вклучен.










