Партениј Зографски, чие крштелно име и презиме е Павле Тризловски, е роден во 1818 г. во Галичник, како првороден син на Доста и Василко. Првото образование го стекнал во манастирот „Св. Јован Бигорски”, а во 1836 г. во Охрид бил ученик на Димитар Миладинов. Замонашен е во Манастирот Зограф на Света Гора, во 1842 година, при што го добива името Партениј, а по манастирот и презимето Зографски. Зографски по знаења оди и во Духовната академија во Одеса, Кипријанскиот манастир во Молдавија, киевската семинарија, а од 1846 до 1850 г. е редовен студент во Духовната академија во Москва.

Неговиот животен пат е нераскинливо врзан – со љубовта кон Бога и кон сопствениот македонски народ. Набргу по завршувањето, од страна на цариградскиот патријарх е произведен во архимандрит, за потоа да биде поставен за епископ на Полјанската епархија, како прв Македонец со такво црковно звање и чин. Хиротонијата ја извршил солунскиот митрополит Неофит во патријаршијската црква во Цариград. Прво околу што се заложил новиот владика е воведувањето на црковнословенскиот јазик во богослужбата во црквите на македонски верници, со што го намалил влијанието на грчката црква во однос на богослужбата. Ги обиколувал селата во епархијата за да внесе словенско духовно влијание, отворал народни училишта, а, тоа не можело да не предизвика реакции на кукушките чорбаџии, кои коментирале „Каков е тој владика што не практикува чибук муабет, се мачи катаден со поповите со учењето како ќе читаат четива во црквите, го нема никогаш дома затоа што е постојано во селата во епархијата каде што отвора и гради училишта” кои подоцна се жалеле до Цариградскиот патријарх за неговото дејствување.Автор е на многубројни дела со кои се создадени темелите на граматиката на македонскиот јазик. Пред појавата на Партениј Зографски во училиштата се предавале само грчката и старословенската граматика, а тој оди подалеку – се впушта во пишување на граматиката на Словените на балканскиот простор под Турците, во која ги систематизира разликите меѓу бугарскиот и македонскиот јазик на научна основа. Бил полиглот – знаел грчки, латински, еврејски, старохалдејски, француски, руски и бугарски јазик. Работел како учител во богословското училиште на Зографскиот манастир, професор по црковнословенски јазик во богословското училиште на островот Халки кај Цариград. Партениј бил и духовник на рускиот царски двор.Манастирскиот комплекс во Стар Дојран денес го носи името „Свети Партениј Зографски”, со што Македонската Православна Црква непосредно почна епископот Партениј да го прифаќа за светител во Православната Црква