ДЕЈНОСТ НА ЦЕНТАРОТ
Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски” Скопје е училиште за средно стручно образование за ученици со посебни образовни потреби (со оштетен слух).
Центарот својата дејност ја остварува во двa наменски изградени објекти: училишна зграда и ученички дом каде се згрижени учениците од други општини во Р Македонија.
Основна дејност на Центарот е: образование, воспитување, рехабилитација, професионално и работно оспособување на ученици со оштетен слух од Р Македонија.
Воспитно – образовната работа во Центарот се одвива на македонски јазик и кирилско писмо.
Педагошката документација и евиденција се води на македонски јазик и кирилско писмо.
ВЕРИФИКАЦИЈА НА ЦЕНТАРОТ
Центарот е основан со решение на Извршен совет на РМакедонија број 137 од 17.05.1955 година како Стручно занатско училиште за глуви деца.Наставата се одвивала во зградата на тогашната Заштитна работилница „Светлост“ – Скопје. Од 1975 година воспитно-образовниот процес се одвива во објектите во кои работи Центарот и денес. Со донесување на Законот за социјална заштита на СРМ („Службен весник на СРМ бр.16/70“) Центарот го промени својот назив во Центар за професионална рехабилитација на младинци со оштетен слух Скопје.
Со Статутот од 01.11.1979 година потврден од страна на Собранието на СРМ со решение бр.08-2683 Центарот го менува називот во Центар за професионална рехабилитација на младинци со оштетен слух „25 Мај“ Скопје.
Врз основа на член 39 ст.1 т.3, а во врска со член 38 ст.2 од Статутот на Центар за професионална рехабилитација на младинци со оштетен слух „25 Мај“ – Скопје по спроведениот референдум на 27.02.1995 година, Работничкиот совет на Центарот донесе Одлука за промена на името на Центарот (Одлука бр.04-64 од 28.02.1995 година) во Центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ Скопје.
Со решение бр.11-562/3 од 22.05.1996 година Центарот е верифициран за следните струки и занимања (тригодишно образование со настава од четири години):
- машинска струка-бравар, металостругар, автолимар
- текстилна струка – конфекционер
- дрвопреработувачка – столар
- графичка струка – печатар и книгоповезувач
Врз основа на Законот за организација и работа на органите на државната управа, Законот за средно образование и Правилникот за верификација на средното училиште и водење на регистарот, Министерството за образование и наука донесе решение бр. 09-343/3 од 04.02.2002 за верификација на експериментална настава според програмата за Реформирано средно стручно образование и обука во РМ за образовните профили бравар-заварувач, обработувач на метали од машинска струка и конфекционер од текстилна струка со четиригодишно треање за тригодишно образование.
Од 24.04.2008 година Центарот го менува називот во Државен училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ Скопје.
Со решение бр.11-316/5 од 21.06.2011 од Министерството за образование и наука извршена е верификација на условите за реализација на Наставниот план и програма во четиригодишно образование со времетраење од пет години за образовниот профил машински техничар под машинска струка и конфекциски техничар од текстилно-кожарска струка.