Во просториите на ДУЦОР „Партенија Зографски“ во Скопје се одржа презентација на проектот Еразмус+ со наслов „АЛАТКИ И ТЕХНИКИ ЗА ПОДОБАР ИЗБОР НА ПРОФЕСИЈА“, кој се реализира во соработка со партнерски институции :„Техничко училиште“ Рига, Латвија – координатор на проектот и Стручен колеџ „Тарту“ Тарту, Естонија – партнер
Проектот има за цел да развие методи и техники за полесно кариерно насочување на учениците, особено оние со посебни потреби, преку дигитални тестови и интерактивни игри кои им помагаат во изборот на идната професија.
Во склоп на настанот беше одржана и специјална презентација на тема „Осврт на инклузијата во воспитно-образовниот процес и изборот на идна професија од страна на учениците“, од м-р Снежана Трпевска, Советник на претседателот на Владата за унапредување на образование, здравство и социјална заштита и имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.
По завршувањето на презентациите, учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ учествуваа во работилница каде што се запознаа со дигиталниот тест за професионално насочување, како и со неколку интерактивни игри кои им помагаат да ги откријат своите интереси и способности.
Настанот заврши со дискусија и размена на искуства помеѓу учениците и наставниците, со цел да се развијат нови пристапи за подобро кариерно насочување на младите.
Овој проект е од големо значење за учениците, бидејќи преку различни методи им овозможува да направат свесен избор за својата идна професија, согласно нивните интереси, способности и вредности.











